Вкупно шест турнири се одиграа ширум Република Македонија во рамки на премиерната 3х3 лига. Здружението за промоција на 3х3 во нашата држава, 3x3 Macedonia, потпомогнато од МКФ и од АМС како и од локалната самоуправа, ја оствари замислата и ја реализира. 

Изминатиот викенд се одржа последниот турнир од оваа лига, во центарот на Скопје.

Покрај дванаесет екипи во машка сениорска конкуренција за првпат се одржа и FIBA Endorsed турнир во женска конкуренција на кој учество земаа осум екипи. 

Жонглери, ’бајкери’ и танчери ги забавуваа присутните на мобилниот терен поставен на плоштадот „Македонија“ додека учесниците се одмораа. Се одржаа натпревари и во шутирање на тројки, како и во забивање, а неизоставен дел од 3х3 турнирите станаа и кошаркарите и кошаркарките од Специјалната Олимпијада на Македонија кои настапија двата дена.

На крајот, во машка конкуренција триумфираа Badu (за нив трет освоен оваа сезона), второпласирани беа момците од Kantina додека третото место им припадна на Newbies. Во женска конкуренција првото место го освоија Ghost ballers, второто им припадна на BB's, третопласирани беа Proactive.

Во натпреварувањето во шутирање тројки кај дамите најуспешна беше Александра Стојановска, кај мажите Лука Влаховиќ. Најатрактивно забивање демонстрира Здравко Богданоски.

НАПОМЕНА: Сите фотографии се во сопственост на Александар Ристовски