Факултетот за физичко образование, спорт и здравје при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ тековната календарска година одбележува 40 години постоење. По тој повод, денес во просториите на хотелот „Александар Палас“ беше одржана церемонија на која обраќање имаа деканката при факултетот Професор Доктор Ленче Алексовска-Величковска, Претседателот на Владата на Република Македонија Зоран Заев, ректорот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ Никола Јанкуловски како и Директорот на Агенцијата за млади и Спорт Дарко Каевски.

Свечената церемонија ја отвори деканката, која воедно ја промовира и монографијата „40 години ФФОСЗ 1977/78 - 2017/18“. 

„Спортот, физичката активност и науката се неразделни. Сите кадри што ги создава Факултетот, без лажна скромност, се личности со интегритет. Спортот е општествена активнос која се реализира на фер и правичен начин, збогатувајќи го општеството и пријателството меѓу нациите“ - меѓудругото истакна Професор Доктор Ленче Алексовска Величковска.

На церемонијата беа доделени и признанија до истакнати професори од Републиката, но и надвор од границите со кои соработува ФФОСЗ, национални спортски федерации, спортисти и спортски работници како и здруженија кои постојано го поддржуваат спортот.