Македонската кошаркарска федерација одржа прес-конференција заедно со тренерите и капитените на клубовите кои оваа година ќе ја водат најважната битка во рамки на домашното натпреварување во машка сениорска конкуренција.

На прес-конференцијата збор земаа Ѓорѓи Кочов, тренерот на актуелниот шампион МЗТ Скопје Аеродром, Игор Пенов, играч од таборот на „металците“, Марин Докузовски, тренерот на вториот финалист Работнички како и капитенот на „центарци“ Димитар Мираковски.

„Секогаш кога играат Работнички и МЗТ, натпреварите се со големо значење. По долго време сме во клинч во финалето, очекувам да биде еден спектакл во кој ќе има спортско надигрување и спортско навивање и секако да победи подобриот. Во овој дел од сезоната Работнички покажа фантастична игра. Домашниот терен на првиот меч го прави благ фаворит. Но, наша цел е да бидеме подобри во сите натпревари. Марин ми беше тренер и првпат ме стави во првата екипа на 15 години. Но, тоа нема да влијае нешто и нема да донесе никаква помош. На терен не играат Докузовски и Кочов, туку МЗТ Скопје Аеродром и Работнички“, изјави Кочов.

„Ние како тим имавме тешка сезона. Меѓутоа, стигнавме до финалето. Не чека противник кој добро го познаваме. Работнички е тим кој беше многу добар оваа сезона. Додуша, може да се каже и дека беше непобедлив. Тие се благи фаворити во овој дуел, но дерби како дерби, никогаш не се знае кој ќе победи. Како колектив се надеваме на успех и се надеваме дека шампионската серија за МЗТ ќе продолжи и понатаму. Сакаме титулата да остане во Аеродром“, изјави Пенов.

„Работнички е во финалето на плеј-офот. Без да навредам некого, кога и0раат Работнички и МЗТ - интересот е поголем, а и квалитетот на финалните натпревари. МЗТ и Работнички покажаа дека оваа година се најдобри екипи и дека заслужено се во финалето. Очекувам да биде спектакл и празник на кошарката, затоа што на последните години истата не ни е на највисоко ниво. Нека победи подобриот, меѓутоа за мене поважно е се да мине во најдобар ред“, изјави Докузовски.

„Овие се натпревари кои ги очеквуаме цела година. За кои тренираме и се мачиме девет месеци. Сите предуслови за фантастично финале постојат. Два ривали, два квалитетни тима. Ние уште пред да почне плејофот заборавивме дека сме први и дека имаме 22 победи. —Полуфиналето го минавме успешно и се надевам дека ќе продолжиме во ист ритам и дека ќе ја вратиме титулата во „Градски парк“, изјави Мираковски.