Првата лига во женска сениорска конкуренција и официјално се комплетира откако петте клуба-учесници во оваа лига ги одиграа сите натпревари од регуларниот дел. Поради малиот број на пријавени екипи, клубовите одиграа вкупно 16 натпревари, по четирикружен систем.

На врвот на табелата, по 16 одиграни натпревари, цврсто стои Бадел 1862 со 15 победи и еден пораз во регуларниот дел од натпреварувањето. Актуелниот шампион минатата сезона ја завери четвртата титула во низа совладувајќи го Вардар со 3:0 во финалната серија од Плејофот. Оваа сезона, патот на актуелниот шампион во домашното првенство е преку младите кошаркарки на Струга 2009 кои завршија како четвртопласирани со четири победи и 12 пораза.
Бројките се на страна на „Баделки“ со пет победи во досегашните пет средби. Во рамки на второто коло кошаркарките од клубот од Кисела Вода славеа со убедливи 100-28. Втора победа во меѓусебните дуели кошаркарките на Бадел 1862 запишаа на гостински терен во седмото коло со 36-108. Следеа уште две победи во регуларниот дел од првенството и тоа 20-80 во третото коло од вториот дел од натпреварувањето, како и еден службено добиен натпревар поради неможност на екипата на Струга 2009 да допатува на натпреварот. Петтата победа која Баделки ја запишаа во меѓусебните дуели беше во рамки на полуфиналето од Купот на Република Македонија каде славеа со 77-43. Екипата на Бадел 1862 пренесува еден бод во полуфиналето. Првиот натпревар, кој може да биде и последен полуфинален за оваа двојка е закажан за шести мај (недела) со почеток во 14:00 во салата при основното училиште „Невена Георгиева - Дуња“.

Второто место на табелата им припадна на кошаркарките на Вардар, кои и во втора година од своето постоење му ’дишат во врат’ на актуелниот шампион. Тринаесет победи и три пораза запишаа избраничките на Срѓан Дамњановски, а во рамки на полуфиналето каде пренесуваат еден бод ќе си ги одмерат силите со кошаркарките на Пелистер. Кошаркарките од клубот од Битола на своето конто имаат осум победи и исто толку порази со кои се стационираа на третото место на табелата.
Во рамки на второто коло од регуларниот дел од првенството, Вардар славеше на гости со 57-66. Следеше и триумф на домашен терен со 62-42. Во рамки на вториот дел од натпреварувањето, Вардарки славеа и со 77-62 односно 55-71. Во полуфиналната пресметка од Купот на Република Македонија, Вардар славеше со 84-33.
Вардарки ќе го одираат првиот полуфинален плејоф дуел против екипата на Пелистер на домашен терен, в сабота (5. мај) со почеток во 17 часот и 30 минути. Натпреварот ќе се одигра во малата сала при СРЦ „Кале“.

Полуфиналната серија во плејофот се игра до два добиени натпревари или подобар од три натпревари.

ТАБЕЛА ПРВА ЛИГА ЖЕНИ; СЕЗОНА 2017/2018