Вниманието на сите кошаркарски вљубеници претстојниот викенд ќе биде вперено кон двата градски дерби натпревара, во машка и во женска сениорска конкуренција.

Сите љубители на спортот со портокаловата топка ќе можат да уживаат во два натпревара полни со традиција – една стара речиси три децении, друга во развој!

Дербито на вечните лути градски ривали МЗТ Скопје Аеродром и Работнички овој викенд е број 139 во досегашната историја. Во тековната сезона најтрофејните од Центар ја добија првата битка и тоа на гостински терен, но загубија во една од најважните за оваа сезона – онаа во финалниот натпревар од Купот на Република Македонија што им овозможи на „металците“ од Аеродром да стигнат до својата деветта Куп-титула и да се израмнат со своите вечни ривали. Битката за кошаркарски превласт овој викенд ќе се одигра во салата „Градски Парк“. „Центарците“ на Марин Докузовски ќе се обидат да го запрат налетот на „штрковите“ на Жељко Лукајиќ в сабота (17. март) со почеток во 18:00 часот. Натпреварот ќе биде пренесуван на првиот програмски сервис на националната телевизија (МРТ).

РАСПОРЕД НА НАТПРЕВАРИ ПЛМ 19.КОЛО
*Сите натпревари ќе се одиграат в сабота (17. март)
Блокотехна- Карпош Соколи     почеток:13:00                   
Кожув-Фени Индустри                почеток:17:00                   
Работнички- МЗТ С.А                 почеток:18:00    
Гостивар- АВ Охрид                   почеток:18:00                   
Пелистер-Куманово 2009          почеток:18:00                   
Шкупи-Струмица                        почеток:19:00    

Се чинеше како да Бадел 1862 ќе остане единствениот трофеен состав во женска сениорска конкуренција, барем кога станува збор за последните неколку години. Избраничките на Перо Стамески не знаеја за пораз, ниту во домашното првнество, ниту пак во Куп-натпреварувањето. Бројот на титулите растеше правопропорционално со времето. Но потоа се појавија „вардарки“. Кошаркарките од малата сала на „Кале“ од сенка ги ’нападнаа’ трофејните „Баделки“. Дуелите добија дерби карактер, а ривалството кулминира минатата календарска година кога кошаркарките во црвено-црниот дрес, тогаш предводени од Бранко Андриевски, ги турнаа кошаркарките на Бадел 1862 од тронот во Купот. Историјата се повтори и оваа година кога Вардар повторно се искачи на првото место во Куп-завршницата. Натпреварот овој викенд ќе биде десетти меѓусебен во досегашната историја на ова ново ривалство. Скорот е седум-два во корист на Бадел 1862.  Натпреварот ќе започне во 18:00 часот и ќе се одигра во малата сала на „Кале“.

РАСПОРЕД НА НАТПРЕВАРИ 5. КОЛО ВТОР ДЕЛ
*Сите натпревари ќе се одиграат в сабота (17. март)
Струга 2009-Трокал        почеток:12:00                   
Вардар-Бадел 1862       почеток:18:00    
Слободна е екипата на Пелистер