Сениорите го одржаа првиот собир во пресрет на натпреварот со Словачка кој ќе се одигра в недела. Доколку запишат уште една победа, трета во рамки на оваа прва претквалификациска рунда, тогаш ќе се стационираат на првата позиција на табелата во групата А која гарантира пласман во втората рунда од претквалификациите.

„Поминавме многу добро таму, сега треба истиот да го завериме чекорот на домашен терен. Очекувањата е победа, не размислуваме многу на друго. Имаме 16 играчи, ќе видиме кои 12 ќе го понесат товарот. Сакаме поддршка од публиката, добра игра и победа и да завериме пласман во наредната рунда. Нема да дозволам никакво опуштање, сакам да бидеме максимално фокусирани и да одиграме како што знаеме. Хендрикс имал грип, не тренирал шест дена. Подготвен е, ќе тренира четири дена. Може нема да може да даде 100%, но знаејќи го него како одигра во Словачка, сигурно ќе даде максимум. Тука ќе ги имаме и Трајковски и Костоски, кои сигурно ќе ни бидат од помош. Додека сум селектор, ќе ги повикувам сите што се најдобри во македонската кошарка. А дали ќе играат, тоа е нивно“ - истакна селекторот Давитков на првиот тренинг.

Желбата за победа е голема и кај репрезентативците.
„Нема што многу да се зборува за тој меч, сакаме да победиме и на овој дуел во Скопје. Јас не бев на претходните мечеви, но сега сме сите заедно. Сакаме да се покажеме на ниво и да го завршиме циклусот како што треба. Следи меч пред домашната публика, пред која имаме неочекуван притисок, но верувам дека ќе дадеме максимум на домашен терен и ќе завршиме со победа. Немам многу информации за противникот, со асистентите зборувавме на таа тема пред тренингот. Ќе имаме видео-анализа и ќе се подготвиме добро“ - истакна Бојан Трајковски кој одговори на повикот на селекторот Давитков.

Фаворитската улога овој пат е на страната на нашата репрезентација.

„Фаворити сме на претстојниот дуел со Словачка, пред сѐ поради начинот на кој го одигравме првиот меч на теренот на противникот. На таа средба не настапив, поради што се надевам дека овој пат ќе може да им помогнам на соиграчите од репрезентацијата да дојдеме до посакуваниот резултат кој може да биде клучен во овој циклус квалификации. Најважно е да останеме здрави, ова е генерација која играше заедно во младинските селекции и чие време конечно дојде. Со добра работа и одредени подмладувања сигурен сум дека можеме многу да направиме“ - дополни Костоски