Во изедначен дуел, екипата на Кожув славеше против АВ Охрид во претпоследното коло од регуларниот тек на сезоната во домашното првенство. Гевгеличани беа подобри од домашниот состав со 80-84 односно 20-26, 20-23, 21-14 и19-23 по делници

На кошаркарите на Охрид им требаше малку време за да влезат во ритам, а несигурноста во играта против нив ја искористија Димчевски, Штерјов и Ѓурасовиќ кои започнаа да таложат предност за својот тим (0-6, 5-13). Следеше период во кој Девин Брукс и Кејлен Шејн знаеја да ги искористат грешките на гостинскиот состав и да изнудат пенали. Реализираните слободни фрлања ги доближија охриѓани и на ’минус еден’ (18-19) близу крајот на првиот период. Во втората четвртина опадна играта на домашниот состав. Петар Чочороски направи неколку итни измени на паркетот, но тие не вродија со плод, па до крајот на првиот дел гевгеличани имаа предност од девет поени (40-49).

Самодовербата поради високата предност на паузата лошо влијаеше на концентрацијата на кошаркарите на Кожув. Екипите си ги заменија улогите на паркетот - сега домаќините го диктираа темпото на игра додека гостите од Гевгелија гледаа како се топи нивната предност(61-63). Игор Михајловски имаше две минути пред почетокот на последниот период, време за кое успеа да ги мотивира своите играчи да не дозволат да се прекине серијата од три победи во низа во домашното првенство. Искусниот Мекнил одигра на висина на задачата носејќи му нова победа на својот клуб.

Стрелци на натпреварот:
АВ Охрид: Брукс (18 поени), Шејн (12 поени), Милојевиќ (13 поени), Михајловски (13 поени), Јанески (13 поени)
Кожув:Ѓурасовиќ (22 поени), Димчевски (21 поен), Мекнил (20 поени)