Избраниците на Марин Докузовски го заборавија поразот од Карпош Соколи во државниот Куп и елиминацијата, а раните ги санираа со нова победа во домашното првенство. Најтрофејниот кошаркарски колектив во Македонија, на гостувањето кај Пелистер заработи два нови бода со кои се зацврсти на првото место на табелата. По 40 минути игра Работнички го совлада Пелистер на гостински терен со 60-95 (9-26, 17-22, 13-30, 21-17).

Двете екипи наизменично си ги штедеа силите, па така, Работнички фуриозно го започна натпреварот 4-14 водство по пет минути игра. До истекот на десеттата минута, водството на „центарци“ се искачи и на ’плус 17 поени’ (9-26). Во вторите десет минути Анакиевски му ја донесе самодовербата на Пелистер откако реализира тројка по речиси пет минути ’штама’ (12-34), но сепак беше предоцна за будење на домашниот состав. На полувремето се замина со огромна негатива за домашниот состав од 26-48.

Во вториот дел од натпреварот се разбудија и шутерите на Работнички придонесувајќи да се добие третиот период со 13-30, па преостанатиот дел од натпреварот беше сведен на рутинска игра.

Стрелци на натпреварот:
Пелистер: Андрејевиќ (20 поени), Фил (11 поени), Анакиевски (11 поени)
Работнички: Маслинко (23 поени), Павловски (17 поени), Тасовски (16 поени), Николиќ (10 поени), Ефремовски (10 поени)